Загорка Поп-Антоска. Чевли од челик ЦЕЛОВЕЧЕРЕН ОРИГИНАЛЕН ДРАМСКИ ТЕКСТ Ноември 2005 Скопје ЛИКОВИ: КИРИЛ, 31 год. - Кирил Кузмановски, сценарист; Г-ДИН ДИПОН, 60 год. - Бенжамин Дипон, продуцент; КАЛИНА, 26 год - девојка на Кирил; ВУЈКОТО, 50 год. - вујко на Кирил; СПОНЗОР - пријател на вујко му; БОБАН, 33 год. - другар на Кирил; ХАНА, 43 год. - Хана Келер, германка, не зборува добро македонски; МИРКА, 55 год. - мајка на Калина; ГАЗДА МИЛЕ - сопственик на мала фирма, пијаница; ТАТКОТО, 60 год. - татко на Кирил; ЖАНЕТ, 28 год. - ќерка на г-дин Дипон; ФРАНСОА, 40 год. - Франсоа Руж, филмски режисер, французин; I. Франција. Канцеларијата на г-дин Дипон. Внатре се Г-дин Дипон и Франсоа. Влегува Кирил. Со прегратка се поздравува со г-дин Дипон. КИРИЛ: Како е Бен? Г-ДИН ДИПОН: Како е, младичу? Каде шеташе денес? КИРИЛ: По Сена...и во Лувр... Убава прошетка. ФРАНСОА: Здраво, Кирил, само што разговаравме малку за сценариото. КИРИЛ: И? Што има ново? ФРАНСОА: Седни, раскомоти се. Кирил го вади палтото. Седнува. ФРАНСОА: Просурфав малце за македонската кинематографија... и сфатив колку е всушност тешко да се направи филм таму, да се продаде сценарио, или пак да се најде пат до вистински продуцент, или до некоја сериозна филмска компанија како што е "Cinema International ‘Quatre Garcons’"... а ти го најде. Секоја чест. КИРИЛ: Тоа беше филмска среќа. Г-ДИН ДИПОН: Да, филмска среќа. ФРАНСОА: Бен, веќе ми раскажа. Читав малку, а и малку знам од пред тоа, за Балканот... за Македонија, сосема малку... Мора тука да ми помогнеш, да го разберам вашиот проблем, вашето чувство... Треба да знам најмалку колку ти, за да направиме од ова добар филм. Стварно добар филм. КИРИЛ: Секако... ФРАНСОА: Ме интересира, како се чувствувате вие, Балканците, во Европа, еве во Франција... Инфериорно? Сигурно не ви е угодно... Како да не припаѓате? КИРИЛ: Не би рекол. Се осеќам нормално. ФРАНСОА: Нашите навики, нашиот правен систем, нашиот начин на живот за вас се како окови... како кафез... Вие ја сакате слободата, повеќе сакате да се однесувате како што ќе ви текне... да речеме? КИРИЛ: Апосолутно, не. Ние стремиме кон истото. Изолацијата, затворените граници за економија, за многу работи, направија кај нас да владее неред, корупција, криминал... ФРАНСОА: Кога ви истекува визата... мислам кога треба да ја напуштите Франција? КИРИЛ: Кон крајот на месецот... ФРАНСОА: Заебано. Фииииууууу... и во твојата стварност... назад, а? Знаеш, покрај што е уметност, филмот е бизнис, и се повеќе е бизнис... нели!? Целиот овој проект за мене по малку е и интересен... А може да биде и вистински интересен... Мислам дека треба да се преработи сценариото, да се продлабочи приказната, да се внесат некои типични елементи за Балканот. Веќе неколку ваши филмови добро поминаа на таа карта. КИРИЛ: Мојата приказна е универзална. Затоа е добра. Не гледам причина да се локализира на тој начин. ФРАНСОА: Хм.... го погледнав сценариото, ти реков, добро е. Но и не е добро, знаеш... објасни ми нешто... кај вас владее сиромаштија, безработица, луѓе умираат од глад... луѓе, жени деца се продаваат за пари, за мали пари... така? КИРИЛ: Па... да... ФРАНСОА: Тоа е прилично нецивилизирано, нели? Пехот на сиромашните народи...за жал... нели? КИРИЛ: Ама тоа се луѓе на многу ниско интелектуално и социјално ниво. Тие не се критериум. ФРАНСОА: Аха... Вашиот проблем е што сте во војна со секој од соседите, никој не ве сака, фактички, не ве подржува... Сите ви ги оспоруваат корените, вие како практично да не постоите... Нели? КИРИЛ: Комплицирани се тие односи, не е баш така, а и ќе се сменат работите, полека... ФРАНСОА: Касните, драг мој, твојот народ, твојата држава каска зад остатокот на светот... Затоа и си ти во оваа канцеларија, нели? Инаку не би бил... КИРИЛ: Западот нуди повеќе опции... ФРАНСОА: Разбирам, сакаш да избегаш од тоа да речам... дивјаштво... КИРИЛ: Каде води разговоров? Г-ДИН ДИПОН: Да, каде води разговоров? ФРАНСОА: Оп, оп, полека... Мали провокации - вистински начин на запознавање... Немам ништо против тебе лично. Јас и би работел со тебе... Но, мора да се направат корекции во сценариото... Мора да се искористи таквата "тажна" ситуација во твојата земја, или на Балканот, како сакате... Тоа ќе биде интересно. Стави акцент на тоа... на пример семејството од твоето сценарио нека живее во 25 квадрата, седум-осум луѓе... десет... како пакистанци... Нека немаат за храна... нека си го продадат детето или бубрегот... нека се заколат за торта... тоа е некако интересно, егзотично за публиката... КИРИЛ: Не е така кај нас... Г-ДИН ДИПОН: Тоа е љубовна приказна, Франсоа!!! ФРАНСОА: Види Кирил, нас многу не интересира и финансискиот успех со овој проект. Ако не успее, тоа ќе биде крај за фирмава. Треба да мислиме и на тоа нели, Бен? Г-дин Дипон премолчува. Кирил ја сфаќа поентата. ФРАНСОА: Кај вас се пие, пука, се кршат шишиња од глава, нели?КИРИЛ: Не е баш така. ФРАНСОА: Што е тоа важно? Не е важно "баш" како е... вие ја имете таа можност... вие сте третиот свет, а таму не се живее како во Европа... А тоа добро се продава! Патриотизмот и бизнисот не одат рака под рака, драг мој. Не може луѓето да се носат европски, мора да има некои... некои... домородни, локални, да речеме, детали... тоа е егзотично... Нагази на крв... нека има крв, насилство... суров живот и животински секс... знаеш... вметни го и она со албанците... како вие ги мразите од дно на душа... би ги запалиле... тоа е интересно... таков гнев е егзотика... тоа е забавно, драг мој... Имаме сеуште работа на твоето сценарио... Доколку се согласиш... КИРИЛ: Разбирам... Непријатен молк. Г-ДИН ДИПОН: Кирил, нему можеме да му веруваме. Тој знае да направи филм. Сепак е тоа филм. Кирил сеуште молчи. ФРАНСОА: Не мора веднаш да одговориш. Ова е индустрија, Кирил. Не смееш да бидеш емотивен, ниту суетен, станува збор за пари. Многу едноставно. Ни треба добра продажба. И адекватна приказна. Кирил молчи. Размислува. ФРАНСОА: Можам да ти помогнам околу сценариото. ќе го развиеме, ќе биде бонбона. Г-ДИН ДИПОН: (На Кирил) Па не е толку страшно, ако Франсоа е ко-автор на сценариото, нели? Така полесно ќе поминеме пред финансиерите. ФРАНСОА: Тоа е точно. Г-ДИН ДИПОН: Неговото име е бренд. Тука е за да биде се добро. КИРИЛ: Морам да размислам, за сето ова. Не можам да кажам сега ништо. ФРАНСОА: Секако, ние имаме уште еден состанок... Нели, Бен? Г-ДИН ДИПОН: Не гледам причина да ја пропуштиме шансава, обајцата го сакаме истото, младичу. КИРИЛ: ќе размислам, и ќе ти јавам, Бен. Се прегрнуваат. Мрак. II. Македонија. Стан. Ефтино уреден. Кирил, со два куфери околу себе стои наспроти Калина. Меѓу репликите има долги паузи. КАЛИНА: Те гледам, или ми се чини. КИРИЛ: Како си? КАЛИНА: Збунето. Не е валјда дека ти недостасував... КИРИЛ: Не. Друго е. КАЛИНА: Аха... КИРИЛ: Не сакам да зборувам за тоа. КАЛИНА: Ни јас. КИРИЛ: Остана во станов. КАЛИНА: Ми се допаѓа... тука. КИРИЛ: И... Како се снаоѓаш? КАЛИНА: Белким тоа требаше да го прашаш кога заминуваше, главом без обзира у свет. Кирил молчи. КАЛИНА: Сеедно. Одлично се снаоѓам. Дури и за најанса подобро од што очекував. Кирил молчи. КАЛИНА: Што сакаш сега? Знаеш дека е готово. (пауза) Или ти треба гајба, а? Повели. Осеќај се како дома. Имам работа. Тргнува да излезе. КИРИЛ: Еј, Кали... (ја повлекува) ... Таа пружа отпор. Тој ја влече да ја прегрне. Го удира, силно, повеќе пати. Тој ги прима ударите. Ја заробува со своето тело. КАЛИНА: Нема Господ, Кириле, чим нешто пак те донесе пред мене... Требаше да заминеш и никогаш да не се вратиш. Требаше си ги навикнам очите на мракот, или пак требаше да заминам, и никогаш да не ме најдеш... Требаше да го сменам бројот, адресата, градот, улицата, фризурата, облеката, кожата да си ја сменам... Не. Требаше да пуштам вода и да те однесе и тебе и се за тебе право у Вардар. Требаше да си најдам љубовник. Свежа крв и нова постела. Зрак светлина. А јас те најдов пак тебе... Немаш право да ми се буфнеш назад у животот со стариот клуч! Знаеш!? Смрдиш на гомна! Бздиш и не заслужуваш ништо добро! Те мразам! Ти си одвратен! Проклет егоист. Самољубник. Џукела. Уличар. Лажго! Одвратен! Сакав да скршиш нога, рака, врат, да те сретнат двајца и да ти набијат палка у г#з, сакав да цркнеш од сида, уплав, алергија... лош сон... А ти си дојде. Ја гушка. Таа попушта. Кирил само ја гушка. Вистински. Со срцето. Среќен е што ќе биде добро и после се. КАЛИНА: Лажев дека ќе те преболам. Мрак. Неколку часа покасно. Полумрак. Постела. Светат две жарчиња од цигари. КАЛИНА: Не требаше да се вратиш. КИРИЛ: Требаше. Веруј. КАЛИНА: Пак сме у срање. КИРИЛ: ќе смислиме нешто. Се ќе биде во најдобар ред. ќе видиш. Мрак. Малку покасно. КИРИЛ: Ако не се вратев, што ќе направеше? КАЛИНА: ќе се омажев. КИРИЛ: За кого? КАЛИНА: Некој со стан и пари. КИРИЛ: ќе го сакаше? КАЛИНА: Тебе те сакав. КИРИЛ: Како ќе спиеше со него? КАЛИНА: ќе стиснев заби. КИРИЛ: Стварно? КАЛИНА: Не знам. Мрак. Малку подоцна. КИРИЛ: Знаеш што ми се свиѓа тука? КАЛИНА: Што? КИРИЛ: Ти. Мрак. III. Македонија. Ефтино кафуле на крај на светот. Темно. КИРИЛ: Зошто не седнавме на некое покултурно место? ВУЈКОТО: Овде е таман. КИРИЛ: Прст пред око не се гледа. ВУЈКОТО: Не треба да се гледа. Ова е инкогнито. КИРИЛ: Каде е човекот? ВУЈКОТО: ќе дојде. КИРИЛ: Мене не ми личи дека ќе дојде. ВУЈКОТО: Каде ти е оптимизмот? КИРИЛ: Да имав оптимизам не ќе се влечев по вакви дувла, на крај на свет. ВУЈКОТО: Овие работи вака се прават. КИРИЛ: У цел свет се пишува проект, се дава понуда... и тие или прифаќаат или не прифаќаат. ВУЈКОТО: Не се понашај ко надркан копиљ! Ова за тебе го правам. За себе да не го правам!? Човекот ми е другар од копиљ. Али има многу работа... КИРИЛ: Ај да одиме. Не можам више да чекам. ВУЈКОТО: Сакаш пари за тој твој ебан проект или неќеш? (мала пауза) Тоа вака се прави. Разбираш? Немој да ми продаваш мода. У цел свет вака, у цел свет така... Тука или јадеш или ќе те изедат... Најдобро е да не те изедат. Играј по правилата на џунглата ако си во џунгла, иначе мамата ти се еба... КИРИЛ: Ние го правиме системот. Ние го правиме професионализмот. ВУЈКОТО: Бла, бла, бла... Фрази се тоа што те научиле... КИРИЛ: Ние ги поставуваме правилата. Ако ги поставиме ко за во џунгла, ќе живееме у џунгла, и мали деца ќе јадеме за доручек! ВУЈКОТО: Вие интелектуалците сте шлакнати, вафли продавате, а немате што да јадете... Доста. КИРИЛ: Јас си одам! Влегува Спонзорот. Се прегрнуваат и се бакнуваат со Вујкото. ВУЈКОТО: Еве го бе, Кирца мој... СПОНЗОРОТ: Пораснал. ВУЈКОТО: (на Кирил) Се сеќаваш кога ти ја скрши главата на фудбал? (мала пауза) Не се сеќаваш. Мал беше. СПОНЗОРОТ: Се успав. Сегде каснам. Немам многу време. ВУЈКОТО: Кирца сака да биде режисер. СПОНЗОРОТ: Спотчиња, рекламички... такви работи, а? КИРИЛ: Филмови. (на Вујкото) Не сум режисер. Јас пишувам сценарија. СПОНЗОРОТ: Тоа уметност, бе, батали... глупости. На кого му е дојдено до уметност. Земи ти некоја добра цура за у спот, сними спот, фати ја цурата... заебаај се малце... филмови. ВУЈКОТО: Слушнал дека си давал спонзорства. СПОНЗОРОТ: Чат пат... ваму таму... ама за некои по така... забавни ствари... мали пари. КИРИЛ: Филмот е за соседи што си праат сопки... СПОНЗОРОТ: (на Вујкото) Леле мене тој комшијата... абе кад тад ќе го заколам на спиење... Кад - тад... Има една џукела... не да лае по цел ден... не да ми ги моча бандажите... по цел ден... леле, не да е безобразен... абе сељак дошол од некое село тука ќе ми прадава мене воспитание... Кога сакам бе ќе реновирам, пизда му материна? Време за спиење било...На суд ме дал... сум му се заканувал... Децата се плашеле од мене... цртале страшни цртежи у школо... Абе ќе го заколам... КИРИЛ: Така нешто... СПОНЗОРОТ: И? КИРИЛ: Тоа е краток филм... СПОНЗОРОТ: Како мислиш краток, зашто не е долг? КИРИЛ: Долгите се поскапи. СПОНЗОРОТ: Аха... а ова е нешто као заебанција, а? Краток. КИРИЛ: ќе го има на телевизии... ќе го праќаме по фестивали. ќе имате топ реклама. СПОНЗОРОТ: Кој кур реклама, што ќе ми е... пиши таму нешто божем... Колку пари ти требаат за тоа? КИРИЛ: Онака најнискобуџетно... за се, мислам за сценарио, мое е сценариото, за режија, познавам добар млад режисер, супер екипа, млади актери, топ.... Се ќе покријам со... десет илјади евра. СПОНЗОРОТ: Десет илјадарки за краток? ќе ти даам дваесет, праи долг. КИРИЛ: Не оди тоа така. СПОНЗОРОТ: Зашто бе, еве ја ти викам праи... ВУЈКОТО: Слушај, он е тврдоглав, мисли дека знае највише... остај го... ние си знаеме... СПОНЗОРОТ: Ок, ја мора да одам... (на Вујкото) ќе ти пуштам ја тебе деновиве... дваесет и пет-шест... рецимо, си знаеш ти...ќе видиш... па јави ми се... (на Кирил) и како тоа насловот, што да пишам? КИРИЛ: "Соседи". Краток филм. СПОНЗОРОТ: Ок, ај се гледаме. Излегува. КИРИЛ: Што беше ова, бе? ВУЈКОТО: Пари, бе. КИРИЛ: Ништо не разбрав. ВУЈКОТО: Абе слушај го ти Вујче Зоки, све ќе те научи. ќе стигнат кај мене некои пари... КИРИЛ: Абе човеков е луд, му побарав десет! ВУЈКОТО: Му се брза, ќе ги приватизираат и нив... Ја нему му враќам дваесет илјадарки... на пример... КИРИЛ: Божее... Нели требаше да биде регулар!? ВУЈКОТО: И еве за мене не треба многу... Мислам, нели, да се почести вујко ти... на Перица да му зеам едно гитарче електрично... фраер да биде, цурици да брка... И со другото ќе праиш филм... КИРИЛ: Не сакам вакви игри! ВУЈКОТО: Абе немој ти на мене сакам ова-она... Ако сакаш праи, ако неќеш - твоја работа. Не праи. Твоја работа. И немој со тие твоите филозофии. Ок? Бараше помош. Доби. Разбираш. Кажи фала. (мала пауза) Кажи фала, ретко кој влага у оваа шема. Кажи фала. Мрак. IV. Станот на Калина и Кирил. КАЛИНА: Сигурен си дека ќе дојде? КИРИЛ: Така рече. Купив вино. КАЛИНА: Ај да свиткаме пред да дојде. КИРИЛ: Кога зема? КАЛИНА: Денес. КИРИЛ: А пари? Од кај? КАЛИНА: Од Билјана. КИРИЛ: Не зимај кога не знаеме дали ќе ни стигнат. КАЛИНА: Па нели сеа треба да ни стигнат... КИРИЛ: Како да осеќам некое срање... КАЛИНА: Не бе, вујко ти е... ај... глупости... Калина витка џоинт. КИРИЛ: Си научила... брао... Го палат. КИРИЛ: Не е лош. КАЛИНА: Бољи е од дијазепам. КИРИЛ: Пак си почнала? КАЛИНА: Ретко. КИРИЛ: Срање. КАЛИНА: Немој срање. Кажувај смешки... КИРИЛ: Бобо ја опнал Јуле дебелата... КАЛИНА: Од први? КИРИЛ: Не, од трети. КАЛИНА: Таа со една подолга, друга пократка цицка... КИРИЛ: Не биди љубоморна. КАЛИНА: Не биди злобен. КИРИЛ: Брат и е педер. КАЛИНА: Глупости. КИРИЛ: Татко и умрел од инфаркт. КАЛИНА: Не е смешно. КИРИЛ: Кога го фатил со братучед му. КАЛИНА: Не лупај. КИРИЛ: Се посрале од страв. КАЛИНА: Не е смешно. КИРИЛ: Како не е... И брат му на татко и, таткото на братучед му бил хомо. И сите знаеле. КАЛИНА: Да се скинеш од смеење! КИРИЛ: А мајка му е нинфоманка. КАЛИНА: Доста. КИРИЛ: Брак од интерес. КАЛИНА: Ебате смислата за хумор. ќути! Кратка пауза. КАЛИНА: Колку ќе ни останат за живот? КИРИЛ: Важен ми е тој филм... КАЛИНА: Филм за доручек, филм за ручек и филм за вечера... Еднолична храна... не е арно... КИРИЛ: За наредните два три месеци? Четири? КАЛИНА: Добро е... Ѕвони. КИРИЛ: Ми се чини, или ѕвони. КАЛИНА: ќе да ѕвони. Влегува Вујкото. ВУЈКОТО: Како сте деца? КАЛИНА: Супер. Најсрдечно се поздравуваат. Тој ја бакнува Калина. КИРИЛ: Каде се задржа? ВУЈКОТО: Седнавме да почастам, од париве, така се прави... Да ти се посреќи! Вади од џеб мало купче пари. Кирил сака да ги земе, овој ги трга. ВУЈКОТО: Шо ќе се напиеме? (на шала) Кантри ред... Де бе, бар "Т#га" да купеше, ја ќе ти даев пари... Цел си на мајка ти... Она пиво во мали чашки служи... ко за ракија... Кирил го отвара виното. Сипа. Наздравуваат. ВУЈКОТО: Ај за арно за убооо... Од џебот го вади парите. Ги фрла пред Кирил. КИРИЛ: Колку има? ВУЈКОТО: Колку што останаа... КИРИЛ: Нема многу... ВУЈКОТО: Како сакаш... КИРИЛ: Нема ич многу... ВУЈКОТО: Немој да мрчиш ... КИРИЛ: Нема за филм... нема ни две илјадарки, цели... ВУЈКОТО: Се потрошија... едвај ги спасив и овие... (како да го теши) Што ќе ти е филм, друг пат ќе најдеме за филм, овие еве, вујко ти, те части... Добар дил, нели!? КИРИЛ: Нејќам вакви работи. ВУЈКОТО: Тоа ти е, живот. КИРИЛ: Му купи гитара на Перица? ВУЈКОТО: Да ја видиш каква е... бонбона... Пендер... така нешто... Сратокастер... ама ја не знаев дека гитара не свирела сама... морало појачало... па купивме и едно појачалце... ова она некои ситници... абе бонбона... Кирил и Калина се мртви сериозни. Бледи ко крпа. ќутат. Непријатна тишина. Тие ќутат. Тој пие. ВУЈКОТО:? Што е сега, нешто не ти е по ќеиф!? ... абе... Пичка ви матер... Ем чоек се ќе напраи за вас, ем неблагодарни. Едно фала да не кажеш... И мајка ти е таква, ако ми е сестра... не е ко мене, увек незадоволна... Али ти си и на татко ти... Намќор, не знаеш да се напиеш и да се развеселиш... А ова е за славење... Кирил и Калина и натака ќутат. ВУЈКОТО: Ај ја ќе одам. Да видам дали му стигнал сајзерот. Излегува. Мрак. V. Станот на Кирил и Калина. Кирил ја бакнува. КАЛИНА: Уморна сум. КИРИЛ: Од што? КАЛИНА: Од досада. Кирил пак ја бакнува. Страсно. КАЛИНА: Не сум расположена. КИРИЛ: Ма, што ти е? КАЛИНА: Не знам. Ме пука депресија. КИРИЛ: Да не имаш нешто да ми кажеш? КАЛИНА: Не. КИРИЛ: Ти се случува нешто? КАЛИНА: Не. КИРИЛ: Се гледаш со некого? КАЛИНА: Како да се гледам со некого, кога сме по цел ден дома, сами. КИРИЛ: А посакуваш да се гледаш со некого? КАЛИНА: Посакувам да одиме на вечера во ресторант, да бидам убаво облечена, скап накит, скап долен веш, подвезици... Скап парфем... редок... (мала пауза) ги мразам пижамиве... (подолга пауза) Животот е на некое друго место... КИРИЛ: Треба да си фатиш дечко... некој ок дечко... некој друг... КАЛИНА: Не јади гомна... КИРИЛ: Озбилен сум... Знам дека и ти сакаш... Не еба депресијава... КАЛИНА: Нејќам друг. КИРИЛ: Ме убедуваш мене или себе? КАЛИНА: Батали... КИРИЛ: Веќе размислуваш за друг... Нели? КАЛИНА: Батали... КИРИЛ: Треба да ми кажеш... КАЛИНА: Немам што да ти кажам... КИРИЛ: Кој е типот на сликата во "Злосторство и казна"? КАЛИНА: Што? КИРИЛ: Кој е мајмунот на сликата во "Злосторство и казна" на средната полица? КАЛИНА: Џеф. КИРИЛ: Џеф, кој? КАЛИНА: Џеф Некој од Олбени. КИРИЛ: И што бара Џеф Некој од Олбени во нашата книга. КАЛИНА: Ме бендисал. На слика со Натка. Братучетка ми. Натка ми ја прати неговата слика. Мала пауза. КИРИЛ: Ти кажав дека ќе си отидеш. Станува од креветот. Ја зема јакната. КИРИЛ: ќе одам на пиво. Мрак. VI. Ноќен бар. На еден шанк стојат Бобан и Хана Келер. Пред нив има цела низа шишиња со пиво, а уште толку чашки текила. Двајцата се пијани и весели. ХАНА: Многу... ми се... допаѓа... тука. БОБАН: Да? ХАНА: Да. БОБАН: Што посебно? ХАНА: Има... добри... мажи? БОБАН: Добри мажи, а? Кај вас нема? ХАНА: Не.. како... тука. БОБАН: Колку време си тука? ХАНА: Два месеци. БОБАН: И више се знаеш за нашите мажи? Хана се смее нападно. БОБАН: Што друго? ХАНА: Можам да пијам... колку сакам. БОБАН: А, да, ефтино е за вас. ХАНА: Не тоа... и Германија е ок. Ама мажот... не дава да пијам... толку... БОБАН: Аха... сеа маж ти не е со тебе? ХАНА: ќе дојде за.... шест месеци... (мала пауза) Тогаш почнува... работата... БОБАН: Па Хана, мило ми е што те сретнав. Наздравуваат. Влегува Кирил. КИРИЛ: Знаев дека си тука. БОБАН: Знаев дека ќе дојдеш. Запознај се, ова е Хана. ХАНА: Хана Келер. БОБАН: Се упознавме на паркинг. Од Германија, нели? ХАНА: Од Берлин. КИРИЛ: Супер. Наздравуваат. Ги пие текилите на екс. Ги лади со пиво. ХАНА: Добар маж. Сите се смејат. КИРИЛ: Супер. Хана и Бобан пијат на екс. БОБАН: ќе не стасаш? Кирил пие текили на екс. Ги лади со пиво. ХАНА: Кажи нешто... смешно.... КИРИЛ: Смешно... чекај. Пие на екс. КИРИЛ: Калина ќе се мажи за Џеф Некој од Олбени. (се смее нападно) Да се скинеш од смеење. И Бобан по инерција се смее. Па се уозбилува. ХАНА: Смешно е? КИРИЛ: Да се скинеш од смеење. Хана се смее. Пијат нова тура на екс. Боби се спружува на подот како даска. ХАНА: Ах... Кутриот. КИРИЛ: Помогни ми. Го исправаат. Мрак. ВИИ. Станот на Хана Келер. Скапо уреден. Влегуваат Хана и Кирил, на рамења го носат Бобан. И Кирил и Хана се камен пијани. КИРИЛ: Чекај... Каде да го сместиме? На кревет? ХАНА: Стоп. Не кревет. Не кревет. Тука! Го ставаат на фотељата. Бобан захрчува. Хана го имитира звукот на хрчењето на Бобан. КИРИЛ: Да, од дете. ХАНА: Има вино. КИРИЛ: Јас ќе си одам. ХАНА: Нема... да одиш. Јас не сакам сама со него. Он е... пијан. КИРИЛ: Аха. ХАНА: А пиво? КИРИЛ: Може пиво. Хана го бакнува. КИРИЛ: Не сме сами. ХАНА: Што значи тоа? Пак го бакнува. Го соборува на креветот. КИРИЛ: Бобо е тука. ХАНА: Не ми... пречи. Хана се качува на него. Воздишки. Инстант женски оргазам. КИРИЛ: Ти си побрза и од мене. ХАНА: Тоа е добар страт. Мрак. Неколку саати покасно. Хана и Кирил спијат. Хана зборува во сон. Неразбирливо. Германски. Сцената има сиво-сина боја на мугра. Кирил отвара очи. Срипува. Разгледува. Сфаќа каде е. Се облекува. Излегува. Бобан и натака спие на фотељата. Мрак. VIII. Станот на Кирил и Калина. Кирил работи на лап топ. Влегува Калина во ноќница. КАЛИНА: Кога си дојде? КИРИЛ: Пред некое време. КАЛИНА: Не легна ич? КИРИЛ: Мора да го завршам проектов. Имам само уште саат време... КАЛИНА: Од каде ти е таа волја!? Секоја чест. КИРИЛ: Инает ме фаќа. Мора да има начин. КАЛИНА: Тезгариш за пет пари, и тоа десет пати те одбиваат, еднаш ти даваат, и од тоа малку заработуваш... Само си ја трошиш силата... КИРИЛ: Доста мислиш така! Гледај напред... (мала пауза) Слушај... Останува само семинарот. Јас веќе ги имам контактите. Тројца режисери и двајца сценаристи. Предавања и њорксхоп-и. Што мислиш? КАЛИНА: Само уште да го прифатат. КИРИЛ: За први проекти не даваат повеќе од седум и пол илјади... Тоа е тоа. Сега сум им таман... Го скратив... КАЛИНА: Пиши напред. Да, тука... До...Нењ Арт Фоундатион. Така. КИРИЛ: Можда ќе имаме среќа, а? Калина го бакнува. Тој ја отргнува. КИРИЛ: Не сум туширан. КАЛИНА: Оди среди се. Ја ќе го прегледам. КИРИЛ: Провери го, убаво. Ок? Тргнува да излезе. КАЛИНА: Еј... ти помина? Тој клима со главата. Ја бакнува. Излегува. IX. Канцеларија. Кирил седи на едно столче. Си го прелистува проектот. Влегува Хана Келер, со листови во рацете. Кирил станува. Во првиот момет двајцат се стаписуваат. ХАНА: Не мислев... така... брзо. КИРИЛ: Јас денес имам закажано... состанок. ХАНА: (погледнува на листот) Кирил Кузмановски? Тој клима. Таа се насмевнува. Го бакнува. КИРИЛ: Коинциденција. ХАНА: Коинциденција. Збунети се. КИРИЛ: Го донесов проектот. ХАНА: Аха. КИРИЛ: Го сведов само на семинар... Предавања и њорксхоп - и. ХАНА: Одличен проект. КИРИЛ: Нема да го погледнеш? ХАНА: Го погледнав... вчера. Ја подига сукњата. Му седнува в скут. ХАНА: Првата третина ќе ја добиеш утре. Втората за три недели. Третата пред да стигнат гостите. КИРИЛ: Немој... тука. ХАНА: ќе дојдеш вечер? Се гладаат. Мрак. X. Станот на Кирил и Калина. Кирил седи со палто и гледа во точка. Дотеран е. Влегуваат Калина и Мирка. КАЛИНА: (го бакнува) Не си тргнат? КИРИЛ: Па... КАЛИНА: Ужас... каков си станал??? ... Ајде оди... КИРИЛ: Не ми се оди баш... Не одам... КАЛИНА: Оди. Ти треба. (го бакнува) Оди. МИРКА: А кај треба да оди така штросан зетот? КАЛИНА: ќе излегува. (на Кирил) Што ти е? Чуден си. КИРИЛ: Мора да тргнам. МИРКА: А ти неа ја пушташ така да шета сама!? Калина му превртува со очите. Тој се насмевнува. Киселко. Ја бакнува. Излегува. МИРКА: Зошто и ти не отиде со него? КАЛИНА: Му треба малце простор. МИРКА: Имате проблеми? КАЛИНА: Од кај ти таква идеја? МИРКА: Ја сега ќе ги измијам садовите. Ти уживај. КАЛИНА: Мамо! Неќам да ми ги миеш садовите. МИРКА: Сега мама... тебе... КАЛИНА: Седни. Неќам да ми ги миеш садовите. МИРКА: Добро, Калина. Добро. Сакав да ти помогнам. Ко секоја нормална мајка. КАЛИНА: Уживај. Да направам кафе. МИРКА: Не се мачи. КАЛИНА: Јас сакам. Излегува. Разговорот продолжува. Мирка на сцена, Калина од зад сцена. МИРКА: Кирил, зошто не си најде работа? КАЛИНА: Има работа. МИРКА: Каква? Влегува Калина со две шолји кафе. КАЛИНА: Го спрема проектот. Доби средства. Семинар. ќе дојдат уметници од странство. МИРКА: Тоа не е работа. Тоа не е работа. Од денес за утре. КАЛИНА: Добро мамо. МИРКА: Да си најде една работа од осум до четири. Господ да ве види. Стална плата. Малце малце... ама редовна. КАЛИНА: Не е неговата професија таква. МИРКА: Па промашена му е професијата. Што продава он? Воздух? Кој сега купува воздух? Леб народот нема да си купи. Само нему не му се работи. КАЛИНА: Е кај да најде таква работа!? МИРКА: Па ќе прашаме, ќе видиме. Нека почне од било што. ќе се растрчаме. За мажи има работа. КАЛИНА: Мамо, он е сценарист, писател. Не може да биде молер. МИРКА: А да те прашам. Што имаш ти од неговите филмови? Што? Ни дете, ни фамилија. КАЛИНА: Има време. МИРКА: Има? На Ката ќерка и роди и дете. Еден маж што си најде, со добра работа, со стан, четрисобен. Си купи себе чип, неа и купи "мини морис". Бонбона. Гледаш како си се средија, стопати полоши од тебе. Ти што имаш? Пајажини. КАЛИНА: Е добро, што да правам? МИРКА: ќе го притиснеш. Жената мора да има свои тајни алатки. КАЛИНА: Мамо... МИРКА: Да ја послушаш мајка ти. КАЛИНА: Не можам да му го упропастам животот и кариерата. Тоа му е се. МИРКА: Се!? А ти што си му. Или рамо за плачење. Утеха. Што си ти. Ти немаш желби. Неќеш стан. Да си го уредиш. Ова-она. Мебел. Модерен. Па едно бебче. Мама тебе ќе ти плати за куќна помошничка. Ние само со бебето ќе си играме. Еве дур сме млади. Знаеш татко ти колку сака!? Па ти си ни една. КАЛИНА: Он не е спремен за тоа. МИРКА: Доста он! Ти што сакаш? Што сакаш? КАЛИНА: Кој не сака!? МИРКА: Ако те сака, ќе биде најсреќен со тебе. ќе си работи како чиновник негде. ќе му најдеме. Како сите нормални луѓе. Што е тоа? Ноќе работи, дење спие? Слушај ја ти мајка. КАЛИНА: Не знам. МИРКА: Ептен дека си го сакаш. Иначе да сум јас... Фиииииуууууу во Олбени. Џеф... или како се викаше. Господ да те види. Дестина петнаесет години постар... Како мало воде на длану ќе те чува. Еве за некоја година јас и татко ти ќе одиме во пензија... и нас ќе не повлечете... КАЛИНА: Не го оставам. Заборави тоа. МИРКА: Од кај знаеш како ќе биде. Да бидеш итра. Ко лисица. Немој еден режисерко да те заебава. КАЛИНА: Не е режисерко, сценарист е, научи. МИРКА: Исти курац! (сфаќа што кажала) Така е зборот, де... Не е важно, да знае он која е Калина! КАЛИНА: Леле мамо... Престани. МИРКА: Ако те сака се ќе напраи за тебе. Види како Жарко за Светле. И се зајми и стан купи. ќе си го отплатат. Гледаш, а неговите, како паднаа од високо на ниско... Ама достоинството си го задржаа... Све го обезбедија синот. Не им знаеме како им е. Ама Светле како принцеза живее. Гледаш ама е паметна. КАЛИНА: Ме заболе главата. МИРКА: Немој после да те боли повеќе. Калина го пушта телевизорот. МИРКА: Аха..."Вечито заљубени" остави. КАЛИНА: Тато што прави? МИРКА: Чекај. Што рече? КАЛИНА: Тато што прави? МИРКА: А, кој го знае. Чита. Чекај сега. Неколку мига оди тон од Шпанска серија. Мирка се загледува. Се соживува. Калина излегува. Мирка не ја ни приметува. Гледа. МИРКА: (коментира за серијата, и се обраќа на Калина) Ете гледаш! Мрак. XI. Некоку месеци покасно. Станот на Хана. Кирил седи раскомотен. Ја чека. Влегува Хана со кеси од шопинг. ХАНА: Стигна... пред мене. КИРИЛ: Само што дојдов. Направив кафе. ХАНА: Купив нов ликер. Одма пробаме. Излегува. Кирил ѕирка во кесите. Влегува Хана со две чаши за ликер и шише. КИРИЛ: Што е ова? ХАНА: Хани, купив неколку.... парталчиња... Убаво ќе стои. Пробај. КИРИЛ: Зошто си купувала? ХАНА: Зошто? КИРИЛ: Зошто си ми купувала!? Сум ти рекол не сакам такви работи. ХАНА: Јас на Ханс секогаш купувам... КИРИЛ: Јас не сум Ханс. ХАНА: Зошто? КИРИЛ: Затоа што ме вреѓа. ХАНА: Мене ми беше ќеиф. КИРИЛ: И каде ќе ги носам!? Како да ги однесам дома!? ХАНА: Кажи последна рата за семинар... си земал.... КИРИЛ: И јас сум си купил, сам, куп алишта. Абе ајде... ХАНА: Добро тука носиш... КИРИЛ: Ханаааа... ХАНА: Извини. Пауза. КИРИЛ: Извини ти. Дојди. (ја гушка) Претерав. Таа го бакнува. КИРИЛ: Ај да наздравиме. Стани. Напиј се. Наздравуваат. ХАНА: Ми недостасуваше. Го бакнува. Страсно. КИРИЛ: Ај да одиме таму. Се префрлуваат на креветот. Почнуваат да водат љубов. Се кикотат. ХАНА: Мммм... Убаво мирисаш. КИРИЛ: Калина ми го купи. (мала, мала пауза) Извини. ХАНА: Не ми пречи. Нема проблем. Станува се пожестоко. Женски оргазам. КИРИЛ: Ух... како добро свршаваш. Таа дише гласно. ХАНА: Ајдеее... КИРИЛ: Чекај малце... Тој пали цигара. Таа легнува покрај него. ХАНА: Мора нешто да ти кажам. (мала пауза) За Ханс. КИРИЛ: Аха... Што? Дознал? ХАНА: Ханс знае од самиот почеток. Кирил, ја гледа. Не и верува. ХАНА: Ханс возбудува кога ме гледа со други мажи... Кога не гледа, јас раскажувам... Тој е секогаш со нас... Тоа е пријатно... Како секс во тројка... Малце поинаку... Може да ти се допадне... ќе се навикнеш на него... КИРИЛ: Како Ханс е тука!? ХАНА: На Ханс допаѓаш. Најмногу од сите мои партнери. Тој...КИРИЛ: Што зборуваш? ХАНА: Гледај онде. Со прст покажува кон мала камера. ХАНА: Ханс он лине... ќе ти го мммм... конект да се запознаете... Сака да те запознае... КИРИЛ: Ти не си нормална. ХАНА: Чекај. Што ти е? ќе навикнеш на него. Доаѓа следната недела. ќе ни биде супер. КИРИЛ: Не сте нормални. ХАНА: Знам многу такви! Тоа не е лошо!? Кирил се облекува. Си ја погледнува блузата сфаќа дека е од неа. Ја фрла на креветот. Ја облекува јакната на голо. Излегува. XII. Станот на Кирил и Калина. Кирил гледа телевизија. Пред него има чаша алкохол. На него е навалена Калина. КАЛИНА: Многу пиеш. КИРИЛ: Ти смета? КАЛИНА: Малку. КИРИЛ: Нема поише. КАЛИНА: Што правиш? КИРИЛ: Размислувам. КАЛИНА: Што? КИРИЛ: ќе прифатам. КАЛИНА: Не доаѓа у предвид. КИРИЛ: Сакам. ќе ми биде подобро. Не можам цели денови да блеам во телевизоров. КАЛИНА: ќе се снајдеме, некако. КИРИЛ: Да, еве се снаоѓаме. Јави и на мајка ти дека прифаќам. КАЛИНА: Сигурен си? КИРИЛ: Нај. КАЛИНА: Тоа не е работа за тебе. Нема да можеш да издржиш. КИРИЛ: Уживај. КАЛИНА: За да растовараш треба да имаш друга градба. Не си за тоа. КИРИЛ: Ти ќе растовараш или јас!? Цел живот ќе растоварам. И мерак ќе ми биде. Полека. Подигни, премести - подигни, премести... Куул... Неќам да видам ни проект, ни камера, ни камерман, ни сценарио, ни прича, ни семинар, ни-што!!! ќе растоварам смрзнати пилиња. Ја испива чашката на екс. КИРИЛ: И не пијам више. Калина го гушка. Силно. КИРИЛ: Остави ме. КАЛИНА: ќе помине. ќе ни помине. Се ќе биде добро. ќе тргне работава. Не сме фрлале по Бога со камења... КИРИЛ: Ништо не ти пружив. КАЛИНА: Најважно е што си тука. КИРИЛ: Гомнар. КАЛИНА: Немој така на мажот што го сакам. Ја бакнува. Се галат. КИРИЛ: Осеќам како да сме излетале од шините... како некој друг да го живее нашиот живот, како да сум во туѓа кожа... ова не сум јас... јас не сум ова... не се сложувам со ништо што правам... а не знам како да правам поинаку... Не можам да земам залет, да летнам... А ноќе се вивнувам кон небото, и сфаќам се што се случува... ги гледам нештата од високо и некако ми се појасни... и знам што треба да направам. Да, да, си викам, ова е вистинското решение... кога ќе се разбудам, ми бегаат мислите... Како некоја зла сила да не влече во бездна... Глупав вртлог, жив песок... нешто како тешки челични чевли, како окови на нозете, ме разбираш... Калина со рака му ја затвара устата, да престане да зборува. КИРИЛ: Не те заслужувам. Гомнар. КАЛИНА: Еден ден ќе се смееме на ова. Калина тргнува. Тој ја задржува. КИРИЛ: Еј... Те сакам... Калина излегува. Кирил си сипува уште една пијачка. Ја пие на екс. Мрак. XIII. Плац за истовар. Кирил во работничко одело истовара. Во внатрешниот џеб носи шише алкохол. Повремено пивнува. Влегува Газда Миле, камен пијан. ГАЗДА МИЛЕ: Слушнав дека не работиш. КИРИЛ: Работам. ГАЗДА МИЛЕ: Па зошто ме разбудија? КИРИЛ: Стигна вториот шлепер. ГАЗДА МИЛЕ: Кој го ебе!? Шо има ти да кажуваш да ме будат или да не ме будат. Види! Сум за шетање ваков!? А сум!? Па што! Па што!? Ти ли ќе кажуваш кога да ме будат кога не!? Знаеш што сум јас!? Јас сум газда на цело ова, разбираш! Газда! Ова е мое. Тука јас кажувам! Не ти! Ти слушаш. И работиш. Што ме гледаш? Кирил го гледа и ќути. ГАЗДА МИЛЕ: Сега знаеш јас кој сум? КИРИЛ: Знам. ГАЗДА МИЛЕ: А знаеш ти кој си? КИРИЛ: Знам. ГАЗДА МИЛЕ: И зошто сите се жалат од тебе? КИРИЛ: Кој се жали? ГАЗДА МИЛЕ: Ама ќе ти кажам јас тебе кој се жали!? Како тоа зборуваш со мене? Дваесет посто од плата! Одма. ќе се научиш ти, куче... КИРИЛ: Што да праам сега? ГАЗДА МИЛЕ: Работи. КИРИЛ: Истоварив се. ГАЗДА МИЛЕ: И што сега? Кај истовари? КИРИЛ: Еве ги наредив. ГАЗДА МИЛЕ: Ништо не работиш! Сега да ги земеш од тука, и да ги преместиш ваму! Сите! Разбра. Разбираш македонски? Што ме гледаш така бело? За што те плаќам. И тоа ти е многу. Ама ептен заради чичко ти Борче. Знаеш ли бе кој сум јас!? Знаеш ли? Работи. Не ме гледај! Кирил се фаќа за работа. ГАЗДА МИЛЕ: Сега јас што да праам!? А? Што да праам!? Тебе ти зборувам! Кирил не одговара. Газда Миле излегува. Кирил издишува. Го вади шишенцето алкохол. Се напива. Газда Миле се повраќа, го препознава движењето. ГАЗДА МИЛЕ: Што видов јас? А? Што!? Абе ти пиеш! КИРИЛ: Не. ГАЗДА МИЛЕ: Како не! Пиеш! Дај да видам! Газда Миле се обидува да го претресе, ама е толку пијан што не приметува како Кирил му го преместува шишето. ГАЗДА МИЛЕ: Те видов, бе! Се пие ли бе на работа. Знаеш ли ти што е работа? Ти знаеш кој сум јас!? Знаеш!? Е ќе дознаш!? Се пие ли бе на работа!? КИРИЛ: Не. ГАЗДА МИЛЕ: Ти зошто пиеш? КИРИЛ: Не пијам. ГАЗДА МИЛЕ: Абе пиеш, пичка ти матер, пиеш... Стои на една нога! Стои кога ти викам! Кирил стои. Ама не е стабилен. ГАЗДА МИЛЕ: Пиеш бе! Пиеш на работа. Кај си видел ти тоа!? Што мислиш? Ова Бурунди е? Стои на една нога! Кирил стои. ГАЗДА МИЛЕ: Пиеш бе! И други ми кажале. Не еден, двајца. Дај шишето. КИРИЛ: Немам шише. ГАЗДА МИЛЕ: Сега ќе те заколам. Тука, на место ќе те оставам. Газда Миле замавнува. Кирил се потрга. Газда Миле паѓа лошо. Се онесвестува. Кирил помислува дека е мртов. Бега. Мрак. XIV. Станот на Кирил и Калина. Мирка и Калина се веќе таму. На масата е ставено легенчето од тестот за бременост, сосе урина. Влегува Кирил. Препотен. Блед како мртовец. КИРИЛ: Калина, гаси! МИРКА: Што? КАЛИНА: Сонце, сакам нешто да ти кажам. КИРИЛ: Гаси кога викам. Мирка го гаси светлото. КИРИЛ: Лежете доле. КАЛИНА: Од кого бегаш? МИРКА: Зете, што се случило? Кали, не се секирај. КИРИЛ: ќутете! Молк. КИРИЛ: Абе тука нешто смрди на мочка! КАЛИНА: Кирил, јас сум трудна. Се слуша само звукот од ударот на телото на Кирил на подот. КАЛИНА: Мамо, пали. Мирка пали. КАЛИНА: Кирил, Кирил што ти стана? МИРКА: Прво полуде, па се онесвести. КАЛИНА: Многу смешно. МИРКА: Да се скинеш од смеење. Мрак. XV. Станот на Кирил и Калина. Кирил седи пред телевизорот. Не е тој. Ослабен е и остарен. Гледа ТВ, ама не гледа. Влегува Калина. КАЛИНА: Кирил, треба да зборуваме. КИРИЛ: Чекај. Гледам телевизија. КАЛИНА: После ќе зборуваме? КИРИЛ: Да, кога ќе заврши... КАЛИНА: Телевизијата. Молк. КИРИЛ: Калина! Те молам купи ми цигари. КАЛИНА: Не работи лифтот. КИРИЛ: Те молам. КАЛИНА: Четири пати се симнувам-качувам. Не ти текна порано!? КИРИЛ: Не. КАЛИНА: Оди ти. КИРИЛ: Добро. Кирил не мрднува од местото. КАЛИНА: Еј Кирил... Мора да разговараме. КИРИЛ: Разговараме. КАЛИНА: Како нешто одвратно да ти се има случено!? Ако не сакаш дете, кажи!? Има начини. КИРИЛ: Треба да размислам. КАЛИНА: Да размислиш? Знаеш колку размислуваш? Два месеци ти размислуваш, дури јас се дујам како балон!!! КИРИЛ: Не се дери. КАЛИНА: ќе се дерам! КИРИЛ: Одлучи ти. КАЛИНА: ќе ти пречи ако абортирам? КИРИЛ: Не. КАЛИНА: Ти не го сакаш нашето бебе. КИРИЛ: Го сакам. КАЛИНА: И што ќе правиме? КИРИЛ: Не знам. Ти одлучи. КАЛИНА: Јас да одлучам за твоето дете!? Ти не личиш на себе! Кај е тој што го знам? Каде ти се чувствата!? Нормален ли си? Јас да одлучам!? Не можам да те поднесам. Не сакам да те гледам како пиеш. Ми се повраќа. Те гледам како пропаѓаш. И веќе не вредиш пет пари. Малце понаку го замислував живот. Не ми остави простор да сонувам! Се ми сруши! (мала пауза) Не сакам да сум тука. Не сакам да сум со тебе. Сакам да сум на некое друго место. Во некое друго време. КИРИЛ: На пример во Олбени!? КАЛИНА: Да, на пример во Олбени! КИРИЛ: Те молам оди си. Таа излегува. Влегува Калина. Облечена. Со јакна. И куфери. КАЛИНА: Еј Кирил... Заборави. Тој само гледа. Не проговара ни збор. Калина ја треска вратата. Кирил се расплакува на цел глас. Звук на ѕвонче. Многу упорно. Кирил се стрчува да отвори. Влетува Бобан, зазбревтан. БОБАН: Се разбуди. Се разбуди. Ништо не се сеќава. Нема да тужи. Не се сеќава како му се случило. Тоа е тоа. Нема да тужи!!! Што ме гледаш така!? Кирил е во шок. Не може да се израдува. БОБАН: Треба да се радуваш! Не надрља! Кирил се стрчува кон влезната врата. КИРИЛ: Калина!!! Калина!!! Сфаќа дека е замината. КИРИЛ: Калинаааааааа!!!! Мрак. XVI. Станот на Кирил и Калина. Кирил и Калина. КИРИЛ: Жал ми е што не ти кажав. Бев уплашен до смрт. Мислев ќе ме мразиш уште повеќе... Убрлјав. КАЛИНА: Требаше да бидеш различен од сите. Требаше да бидам различна од сите. Требаше да знам да те сочувам. Требаше да знаеш да ме сочуваш. Многу работи можеа да имаат смисла. Можеше да биде се во ред. Ми вети дека ќе биде се во ред. Рече: ќе видиш. ќе биде се во најдобар ред. Не испадна така. Некаде по пат се загубивме. Ништо не не врзува повеќе. Куп грди спомени. На убавите ретко се сеќавам, а и кога се сеќавам брзам да ги заборавам. Болат. Можам да те вратам, можеш да ме вратиш. Ама животот не е песочен часовник, па да го свртиме од почеток. Нема тоа. Ми остана една дупка тука... Не знаеш колкава... И тебе... Ама мојата е некако потерсене... Поише боли... (мала пауза) Не пробувај да објасниш. Никогаш сам не ќе можеш да си смислиш боље оправдание него што јас можам. Јас сум мајстор да те оправдам. Знам се. Сакаше да биде поинаку. Знам. Ама вака... изгледа мораше да биде. Збогум. Тргнува. Кога на некој ќе му го поклониш срцето... таму ќе ти остане... колку и да сакаш да биде поинаку... Поклони не се враќаат. Не ме барај. Толку е. Мрак. XVII. После неколку недели. Во полумрак Кирил лежи на двоседот покриен со кебе. Покрај него се гледаат контури на шишенца од лекови. Ѕвони. Кирил не мрда. Некој ја разбива вратата. Влегуваат Бобан и Таткото. БОБАН: Не е валјда!? ТАТКОТО: Боже! ? Кире? Кирил се буди. ТАТКОТО: Од умот ме извади! КИРИЛ: Не сум умрен... уште. БОБАН: Зошто ти е телефонот отворен? КИРИЛ: Нејќам да ме вознемируваат. Ми се спие. Како влеговте? БОБАН: Што пиеш по ѓаволите? КИРИЛ: Некои глупости... за спиење. Бобан фаќа едно од шишенцата. БОБАН: Станувај. Колку си испил? ТАТКОТО: Станувај. КИРИЛ: Фала за сочувството. Кирил станува. КИРИЛ: Едно или две... не се труев - спиев. БОБАН: Не биди патетичен. Се се средува. ТАТКОТО: Станувај. КИРИЛ: Станат сум. ќе направи некој кафе? БОБАН: Јас. Излегува. Двајцата молчат. Напната тишина. ТАТКОТО: Дојдов да ти помогнам. КИРИЛ: Се е добро... нема што да ми помагаш. ТАТКОТО: Батали ја суетата... сега. Мала пауза. ТАТКОТО: Мислиш дека не можам да ти помогнам, пошто не знам како се чувствуваш, нели!? Не е секогаш така ко што изгледа на прв поглед. Кирил молчи. Ама ја баталува. ТАТКОТО: Имаш две опции. Најди друга... некоја што не знае ништо за тебе, некоја што не знаеш ништо за неа... И дупи се дваесет и четири часа на свеќи и вино. Или замини некаде далеку и одма најди некоја што не знаеш ништо за неа и што не знае ништо за тебе и дупи се дваесет и четири часа на свеќи и вино. Во случај да не ме послушаш... (длабока издишка, и пауза.) Последната жена за која ми играше тука (покажува на градите) ја сретнав далеку пред мајка ти. Да знаев дека никогаш повеќе нема да ми заигра така, се ќе направев да ја вратам. Не ја вратив. (мала пауза) Лежев во мрак и и ги чувствував допирите. Ми заспиваше на стомакот, секоја ноќ... и така мракот стануваше сладок. И така во мракот минуваат месеци, една година, две години... Мрак по мрак, мрак по мрак... Знаеш што ти треба. Само сакаш чувството да продолжи... да не го загубиш, да ти остане во градите... После тоа... веќе... ти си роба на старо... износена, подизлитена... потрошена... Остарев денот кога си замина. (мала пауза) Посакував нешто да ме здрма, гланц ново чувство... онака да те летне... и да те спаси. И не ме летна... (мала пауза) Полека гледаш да го одбереш најмалото зло. Така ја одбрав мајка ти. (мала пауза) Ниту едно апче не му дава смисла на животот... Мораш сам да заспиваш и сам да се будиш... и да најдеш сила секое утро да и погледнеш на вистината в очи. И ти да ја фатиш на препад! Не таа! Да не те фати паника, да не помислиш дека е крај на светот... Таа замина и сега си сам... тоа е тоа... Кирил молчи. А слуша. ТАТКОТО: Дозволи ми да ти помогнам. Мала пауза. КИРИЛ: (речиси без глас) Како? ТАТКОТО: Што ти треба? КИРИЛ: Волшебно стапче... ТАТКОТО: Само пари имам... ќе ти завршат работа. КИРИЛ: Од каде? ТАТКОТО: Ја продадов колата. Се јавив кај едни мои роднини, на баба ти прва братучеда, на осумнаесет избегала за Француз... Ги најдов... ќе ти пратат гарантно писмо... Покана за престој. Со тоа ќе влезеш во Франција. Потоа изнајми стан, соба, отседни во хотел, ќе се снајдеш... КИРИЛ: Убаво. ТАТКОТО: Оди... Направи нешто со себе... Кирил молчи. ТАТКОТО: ќе одиш? КИРИЛ: Не. ТАТКОТО: Зошто? КИРИЛ: Не ми се оди. ТАТКОТО: Луѓето имаат контакти... можеби ќе запознаеш некого... Сега мисли на сценариото, тоа ќе ти помогне... Направи го најдобро што можеш. Само работи, и заборави се. Мала пауза. ТАТКОТО: Гледаш дека јас и мајка ти повеќе не сме во можност да ти помогнеме тука, а без тоа си никој и ништо. Овој народ има амнезија, и за добро и за лошо. Цел живот ќе правиш добрини, и само една грешка ќе те уништи. Нема простување, нема ни пофалби, нема минато, нема ни иднина. Ова е црна дупка. Животот е на некое друго место. Постојат и цивилизирани општества. Таму луѓето се чувствуваат подобро од тука. Тука е гомна до колена. Таму е друго. Фини луѓе. Отмен свет. Полесно се дише. Кирил само гледа во Таткото. Во погледот се гледа дека размислува, и се крши. Кнедла му стои во грлото, не може ни збор да изговпори. Влегува Бобан. Сите молчат. БОБАН: ќе одиш? КИРИЛ: Не. БОБАН: Зошто не? КИРИЛ: Не можам да си заминам од станов. Тука ми е се што имам. БОБАН: ... нема да се врати. КИРИЛ: Не биди патетичен! Не ја ни чекам. ТАТКОТО: Лажеш. Мала пауза. КИРИЛ: Лажам. БОБАН: И? КИРИЛ: (не додржува. Му затреперува гласот.) Сакав да биде поинаку. Општ молк. Кирил се обидува да се прибере. БОБАН: Сакаш нешто да ти донесам? КИРИЛ: Цигари. Мрак. XVIII. Франција. Париз. Ноќ. Подземна железница. На седиштата седи еден човек со весник пред лицето. Влегува Кирил, со куфер и ранец. Ѕирка лево десно на перонот. Ги здогледува седиштата. Седнува до човекот со весник пред лицето. Кирил од ранецот вади мапа на Париз. Човекот го симнува весникот. На главата носи капа, а шал над носот. Тоа е г-дин Дипон. КИРИЛ: Кога е последното метро до Ледру Ролин? Не е поминато, нели? Г-ДИН ДИПОН: Бастиља!? КИРИЛ: Да, Бастиља, кај новата опера. Г-ДИН ДИПОН: Бастиља!? КИРИЛ: Ледру Ролин. Г-ДИН ДИПОН: Ти, младичу, не си при здрава памет. Или си од Тунгузија.... КИРИЛ: Не, не, јас сум од Македонија. Одам кај мои пријатели, таму имаат бакалница. Г-ДИН ДИПОН: Во ова време на Ледру Ролин е опасно да се стапне, а не па да се движиш! Тоа е во еден од најозлогласените квартови!!! Не смееш таму во ова време. КИРИЛ: Белким не е толку лошо. Г-ДИН ДИПОН: Што правеше до сега? КИРИЛ: Патував. Таков е летот. Пристигнав во 22 ч. (мала пауза) А вие што правите, во ова време? Г-ДИН ДИПОН: Чекам. КИРИЛ: Чекате метро, нормално, како и сите луѓе тука. Мислам нема баш многу луѓе, ама еве кога би имало, нели!? Г-ДИН ДИПОН: Не, чекам нешто друго. КИРИЛ: Аха... нешто друго... Мала пауза. КИРИЛ: Мислите дека нема да дојде последното метро? Кирил станува. Г-ДИН ДИПОН: Седни, младичу. Кирил седнува. Г-ДИН ДИПОН: Да, мислам дека нема да дојде последното метро, и ти мора да си најдеш друг превоз. Тука е опасно. КИРИЛ: Ете ти белја. А вие, на каде одите? Г-ДИН ДИПОН: Јас останувам тука. КИРИЛ: За вас не е опасно? Г-ДИН ДИПОН: Јас сум по работа. Кирил го загледува, со поттекст "што ли си ти?". Г-ДИН ДИПОН: Ноќно време во метрото се случуваат нешта за кои обичните смртници само можат да читаат во весниците, младичу. КИРИЛ: Вие сте новинар! Г-ДИН ДИПОН: Шшшшшт... Јас ги мразам новинарите! Заради нив и сум тука. Во оган! Никогаш не знаат да ја доловат приказната. Никогаш немаш чувство дека знаеш што се случило. Никогаш немаш чувство дека си бил таму, и се си видел со свои очи. Никогаш не можеш да најдеш вистински добра приказна во весник. Затоа мораш да се пикаш по вакви дувла, мечкини дупки... А замисли ако и вечерва не дојдат!?! КИРИЛ: А кој треба да дојде? Г-ДИН ДИПОН: Имам информација дека вечерва тука ќе се случи мала драма, немил настан. Акција. Живот или смрт. Борба. ќе пршти од енергија. А јас тоа морам да го видам. Тоа ми треба, младичу... Вистински живот. Тоа е вистинското. Кирил повторно го загледува. Г-ДИН ДИПОН: Сум бил во Мароко, Алжир, Индија, Монголија, Нова Гвинеја, Гренланд, сум спиел меѓу камили, со абориџини, со ескими, сум живеел со клошари, со вештери, со индијанци.... Ноќе се прикрадувам низ најзабаталените квартови, трчам кога врескаат жени, прислушкувам луѓе во метро, еднаш се криев и во контејнер пред јавна куќа... правам се, и пак не можам да најдам добра приказна, сосема нова приказна, вистинска приказна, приказна на која никој не би и одолеал. Ги снимив најдобрите филмови, ги најдов најневообичаените приказни, заработив многу пари, а сега пропаѓам... проклето пропаѓам, ме јаде времето, новите технологии, глобалните фондови... Порано бев прв, најдобар, а сега се искотија милијарди мали, млади продуцентчиња, наоѓаат приказни, купуваат приказни, побрзи се, поспретни... Мојата продуцентска куќа го изгуби рејтингот за 67,52 проценти... А јас немам кец во ракав! КИРИЛ: Господине, јас имам приказна, добра приказна, вистинска приказна, сосема нова приказна, приказна на која никој не би и одолеал. Г-дин Дипон го гледа Кирил неколку мига и само молчи. Г-ДИН ДИПОН: Не е можно. КИРИЛ: Погледнете. Дојдов да ја продадам мојата приказна. Од ранецот вади принтана верзија на сценариото, уредно укоричена. Г-дин Дипон ја зема в раце, гледа во насловот. Па гледа во Кирил. Г-ДИН ДИПОН: (на Кирил) Како на филм. КИРИЛ: Да, како на филм. Г-ДИН ДИПОН: Јас барам приказна, а ти продаваш приказна, во 00:45 во празно метро, у очи крвава акција, длабоко под Париз, и само што пристигна од... КИРИЛ: ... од Македонија. Г-ДИН ДИПОН: Од Македонија. КИРИЛ: Како на филм. Јас сум Кирил. Кирил Кузмановски, од Македонија. Г-ДИН ДИПОН: Бенжамин Дипон. КИРИЛ: Драго ми е. Г-ДИН ДИПОН: Па... младичу... Да одиме на по една пијачка. Стануваат. Тргнуваат да излезат. Г-ДИН ДИПОН: (на излегување) Мислам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство. Мрак. XIX. Франција. Две недели покасно. Канцеларијата на г-дин Дипон. Г-дин Дипон држи мала магична крпа. Додека разговара ги брише стаклените предмети. Г-дин Дипон и Франсоа. ФРАНСОА: Не гледам причина! Што ќе ти е тој кога веќе ме доби мене? Би требало да ми веруваш. Шестотини илјади влезници за шест месеци, тоа е бомба. Тоа е мојот последен филм, а претходниот четиристотини илјади, и единаесет договори за дистрибуција, надвор. Не го заборавај тоа. Г-ДИН ДИПОН: Што предлагаш? ФРАНСОА: За мали пари ќе му ја откупиме приказната, јас ќе го доработам сценариото. Зошто да ја заплеткуваме работата? Тој е одвишок трошок. Г-ДИН ДИПОН: Тоа што јас и тој се сретнавме во така необични околности, за мене е знак. Тој ќе ми донесе среќа. ФРАНСОА: Твојата емотивност те уништува. Да не спомнувам дека си и суеверен. Очајна комбинација за продуцент. Г-ДИН ДИПОН: Сакам да ја преуредам канцеларијава. ќе одговараат сини ѕидови? ФРАНСОА: Можеби зелени. Мала пауза. ФРАНСОА: Знаеш дека сум тука затоа што сме блиски пријатели. Немој да ме сфатиш погрешно, ама мене овој филм не ми треба, тебе ти треба. Тука сум затоа што кога мене ми беше најтешко ти ми ги отвори ширум вратите. Ти ме лансира. Драго ти е што сум тука, нели!? Г-ДИН ДИПОН: Франсоа, тоа проклето добра приказна. Допадлива и смешна. ФРАНСОА: Зошто не ми веруваш? Само може да биде и подобра. Остави ме јас да зборувам. Мрак Влегува Кирил. Со прегратка се поздравува со г-дин Дипон. КИРИЛ: Како е Бен? Г-ДИН ДИПОН: Како е, младичу? Каде шеташе денес? КИРИЛ: По Сена...и во Лувр... Убава прошетка. ФРАНСОА: Здраво, Кирил, само што разговаравме малку за сценариото. КИРИЛ: И? Што има ново? ФРАНСОА: Седни, раскомоти се. Кирил го вади палтото. Седнува. ФРАНСОА: Просурфав малце за македонската кинематографија... и сфатив колку е всушност тешко да се направи филм таму, да се продаде сценарио, или пак да се најде пат до вистински продуцент, или до некоја сериозна филмска компанија како што е "Цин?ма Интернатионал #Љуатре Гар?онсе " ... а ти го најде. Секоја чест. КИРИЛ: Тоа беше филмска среќа. Г-ДИН ДИПОН: Да, филмска среќа. ФРАНСОА: Бен, веќе ми раскажа. Читав малку, а и малку знам од пред тоа, за Балканот... за Македонија, сосема малку... Мора тука да ми помогнеш, да го разберам вашиот проблем, вашето чувство... Треба да знам најмалку колку ти, за да направиме од ова добар филм. Стварно добар филм. КИРИЛ: Секако... ФРАНСОА: Ме интересира, како се чувствувате вие, Балканците, во Европа, еве во Франција... Инфериорно? Сигурно не ви е угодно... Како да не припаѓате? КИРИЛ: Не би рекол. Се осеќам нормално. ФРАНСОА: Нашите навики, нашиот правен систем, нашиот начин на живот за вас се како окови... како кафез... Вие ја сакате слободата, повеќе сакате да се однесувате како што ќе ви текне... да речеме? КИРИЛ: Апосолутно, не. Ние стремиме кон истото. Изолацијата, затворените граници за економија, за многу работи, направија кај нас да владее неред, корупција, криминал... ФРАНСОА: Кога ти истекува визата? Мислам кога треба да ја напуштиш Франција? КИРИЛ: Кон крајот на месецот... ФРАНСОА: Заебано. Фииииууууу... и во твојата стварност... назад, а? Знаеш, покрај тоа што е уметност, филмот е бизнис, и се повеќе е бизнис... нели!? Целиот овој проект за мене по малку е и интересен... А може да биде и вистински интересен... Мислам дека треба да се преработи сценариото, да се продлабочи приказната, да се внесат некои типични елементи за Балканот. Веќе неколку ваши филмови добро поминаа на таа карта. КИРИЛ: Мојата приказна е универзална. Затоа е добра. Не гледам причина да се локализира на тој начин. ФРАНСОА: Хм.... го погледнав сценариото, ти реков, добро е. Но и не е добро, знаеш... објасни ми нешто... кај вас владее сиромаштија, безработица, луѓе умираат од глад... луѓе, жени деца се продаваат за пари, за мали пари... така? КИРИЛ: Па... да... ФРАНСОА: Тоа е прилично нецивилизирано, нели? Пехот на сиромашните народи...за жал... нели? КИРИЛ: Тоа се луѓе на многу ниско интелектуално и социјално ниво. Тие не се критериум. ФРАНСОА: Аха... (мала пауза) Вашиот проблем е што сте во војна со секој од соседите, никој не ве сака, фактички, не ве подржува... Сите ви ги оспоруваат корените, вие како практично не постоите... Нели? КИРИЛ: Комплицирани се тие односи, не е баш така, а и ќе се сменат работите, полека... ФРАНСОА: Касните, драг мој, твојот народ, твојата држава каска зад остатокот на светот... Затоа и си ти во оваа канцеларија, нели? Инаку не би бил... КИРИЛ: Западот нуди повеќе опции... ФРАНСОА: Разбирам, сакаш да избегаш од тоа да речам... дивјаштво... КИРИЛ: Каде води разговоров? Г-ДИН ДИПОН: Да, каде води разговоров? ФРАНСОА: Оп, оп, пооолека... Мали провокации, вистински начин за запознавање... Немам ништо против тебе лично. Јас и би работел со тебе... Но, мора да се направат корекции во сценариото... Мора да се искористи таквата "тажна" ситуација во твојата земја, или на Балканот, како сакате... Тоа ќе биде интересно. Стави акцент на тоа... на пример семејството од твоето сценарио нека живее во 25 квадрата, седум-осум луѓе... десет... како пакистанци... Нека немаат за храна... нека си го продадат детето или бубрегот... нека се заколат за торта... тоа е некако интересно, егзотично за публиката... КИРИЛ: Не е така кај нас... Г-ДИН ДИПОН: Тоа е љубовна приказна, Франсоа!!! ФРАНСОА: Види Кирил, нас многу не интересира и финансискиот успех со овој проект. Ако не успее, тоа ќе биде крај за фирмава. Треба да мислиме и на тоа нели, Бен? Бен премолчува. Кирил ја сфаќа поентата. ФРАНСОА: Кај вас се пие, пука, се кршат шишиња од глава, нели!? КИРИЛ: Не е баш така. ФРАНСОА: Што е тоа важно!? Не е важно "баш" како е... вие ја имете таа можност... вие сте третиот свет, а таму не се живее како во Европа... А тоа добро се продава! Патриотизмот и бизнисот не одат рака под рака, драг мој. Не може луѓето да се носат европски, мора да има некои... некои... домородни, локални, да речеме, детали... тоа е егзотично... Нагази на крв... нека има крв, насилство... суров живот и животински секс... знаеш... вметни го и она со албанците... како вие ги мразите од дно на душа... би ги запалиле... тоа е интересно... таков гнев е егзотика... тоа е забавно, драг мој... Имаме сеуште работа на твоето сценарио... Доколку се согласиш... КИРИЛ: Разбирам... Непријатен молк. Г-ДИН ДИПОН: Кирил, нему можеме да му веруваме. Тој знае да направи филм. Сепак е тоа филм. Кирил сеуште молчи. ФРАНСОА: Не мора веднаш да одговориш. Ова е индустрија, Кирил. Не смееш да бидеш емотивен, ниту суетен. Станува збор за пари. Многу едноставно. Ни треба добра продажба. И адекватна приказна. Кирил молчи. Размислува. ФРАНСОА: Можам да ти помогнам околу сценариото. ќе го развиеме, ќе биде бонбона. Г-ДИН ДИПОН: (на Кирил) Па не е толку страшно, ако Франсоа е ко-автор на сценариото, нели? Така полесно ќе поминеме пред финансиерите. ФРАНСОА: Тоа е точно. Г-ДИН ДИПОН: Неговото име е бренд. Тука е за да биде се добро. КИРИЛ: Морам да размислам, за се ова. Не можам да кажам сега ништо. ФРАНСОА: Секако, ние имаме уште еден состанок... Нели, Бен? Г-ДИН ДИПОН: Не гледам причина да ја пропуштиме шансава, обајцата го сакаме истото, младичу! Се прегрнуваат. Мрак. XX. Франција. Станот на Г-дон Дипон. Маса за четворица. На масата е поставена храна, и шише вино. На масата седи Кирил. Влегува г-дин Дипон со уште едно шише вино. Г-ДИН ДИПОН: Ова инсистирам да го пробаш... Ова е мое призводство... Г-дин Дипон сипува. Кирил отпива. КИРИЛ: Мммм... Секоја чест. Г-ДИН ДИПОН: Кога ќе се пензионирам, мислам дека ќе се бавам само со винарство... Имам стари лозја, фамлијарни, одлична земја... Г-дин Дипон погледнува на часовникот. Г-ДИН ДИПОН: Јас мислам дека треба да се послужиме. КИРИЛ: Да го почекаме уште малку! Г-ДИН ДИПОН: Не знаеме колку ќе задоцни. Јас сум мртов гладен. КИРИЛ: Сигурно ќе пристигне секој момент. Г-ДИН ДИПОН: Ах, опушти се, тој така прави секогаш. Ако не закасни не би имал шанса да се искаприцира со втора порција од истото, сервирана на идеална температура. (става залак во устата) Ѕвезди, што да се прави!? Мммммммм.... Прекрасно! Секој ден сум се подобар. Наздравуваат. Г-ДИН ДИПОН: Во наше здравје. КИРИЛ: Кај нас викаат за арно за убаво! Г-дин Дипон го повторува истото на македонски, неколку пати. КИРИЛ: Добро ти оди, Бен. Влегува Франсоа. ФРАНСОА: Ах, луди новинари. Ме измалтретираа, начисто. Јас се извинувам. Г-ДИН ДИПОН: Ние само што почнавме. Се плашам дека твоите "Филетс де цанард ротис" се оладија. ФРАНСОА: Ах, Бен, сосема заборавив дека готвиш... денеска сум само на свежа салата. За мене само салата... Тоа е одлично за телото. Лесна храна. ќе ми простиш Бен. Седнува. ФРАНСОА: Јас ручам во најелитните ресторани, во Париз. Едноставно, места каде не секој може да си дозволи. Така, секогаш, ручам во прекрасно друштво. (на Кирил) Но Бен, е најдобриот кулинар што сум го сретнал. Прости Бен, мора да припазам на себе. Г-ДИН ДИПОН: Што те задржа? ФРАНСОА: Ах... глупави новинари. Цели денови, и ноќи ги подготвуваат прашањата, и повторно тоа се најглупавите прашања на универзумот. Во последниве два месеца дадов повеќе од дваесет интервјуа. Тоа е добар филм! Г-ДИН ДИПОН: Знаев дека го имам правиот човек. И нашиот ќе биде добар филм! ФРАНСОА: Бен, ти си човек со проклето добар нос. Но, еве сега тоа ти се исплати. Јас сум пак со тебе, на филм. Знаеш ли колку понуди одбив!? Сигурно преку дваесет. Можев да бидам на кој сакам проект во земјава. Не, не е воопшто метафорично, јас повеќе немам приватен живот. Г-ДИН ДИПОН: Ти си одличен играч. Знаеш добро да се продадеш. ФРАНСОА: Јас одамна не правам компромиси, бар ти знаеш. Човек мора да е свесен за својата позиција. Сега јас ги поставувам правилата на играта. Сега се игра по мое. Г-ДИН ДИПОН: Да, а јас баш уживам во тоа. ФРАНСОА: Тоа е проклето егоистично, и суетно, ама за возврат ме имаат мене. Што сакаат повеќе!? Ха, ха, ха... Се е до тоа како ќе се продадеш, Кирил! Г-ДИН ДИПОН: (На Кирил) И пред да го сретнам, и откако го сретнав, и откако ме напушти до душа, сум работел со мал милион режисери. Но тој, е најпрофесионалниот, најаналитичниот, најпрецизниот, највештиот, ама и најразгалениот од сите. Јас сум го разгалил, мора да е моја грешка. ФРАНСОА: Никого ти не си разгалил. Освен Жанет. Сега си некако мек, непосреден, прељубезен, прилично поднаведнат... Работите се менуваат. (ја полни устата со храна. Ужива.) Ммммм... Тркалото се врти, нели!? Молк. Г-ДИН ДИПОН: Секој момент ќе стигне, Жанет. КИРИЛ: Конечно да ја запознаам. Г-ДИН ДИПОН: (на Кирил) Многу убави работи и кажував за тебе. Мислам дека ќе се врати порано од пусто љубопитство. ФРАНСОА: Како оди сценариото? КИРИЛ: ќе видиме на крај... рано е да се зборува... ФРАНСОА: Ах... скромност... од кога тоа не сум го видел... Влегува Жанет. Со бакнеж се поздравува со татко и. Г-ДИН ДИПОН: Мила, запознај се... ЖАНЕТ: Татко ми толку многу зборува за тебе. Морав да се уверам лично. Г-ДИН ДИПОН: Ете... Што реков!? ФРАНСОА: Има и што да се види! КИРИЛ: Кирил. ЖАНЕТ: Жанет. Неколку мига молк. Во воздухот прострујува обострана привлечност. Г-дин Дипон и Кирил стануваат да и го потргнат столчето. Франсоа не мрда. ЖАНЕТ: (на Франсоа) Одамна не сме се виделе, Франсоа. ФРАНСОА: Толку сум многу работам, сега им кажував.... Кога не работам, патувам... Ама ете не ме навел патот во Лос Анџелес. Како е таму? ЖАНЕТ: Супер. Г-ДИН ДИПОН: Да ти сервирам? ЖАНЕТ: Јас сакам само малку вино... Како е храната? КИРИЛ: Совршена. ЖАНЕТ: (на Кирил) До рецептот е. Има капка љубов внатре. Г-дин Дипон и сипува. ФРАНСОА: Бен се жали дека ретко доаѓаш. ЖАНЕТ: Таму времето лета страшно брзо. А толку многу ми недостасуваат, сите! (на Кирил) Мислам дека ти најдобро го знаеш тоа чувство. И ти си далеку, далеку од дома. КИРИЛ: Не можев да замислам дека така знае да боли далечината. ФРАНСОА: Доста со таа балканска патетика. Тие, Жанет, се познати по својата вродена емотивност. ЖАНЕТ: ...што е прекрасна... КИРИЛ: (на Жанет) Да не беше сценариото, одамна ќе бев дома... Г-ДИН ДИПОН: Секому некој му недостасува... Жанет се пресега да го бакне татка си. ФРАНСОА: Еј... Кирил, јас ти најдов уште една приказна... За сценариото... Кирил го гледа бело и ледено. ФРАНСОА: Знаеш за она место што ме замоли да ти помогнам... Од внатрешниот џеб, вади превиткан лист. ФРАНСОА: (на Кирил) Куќата части... ќе ти се бендиса... Кирил врие заради тенденциозните опаски на Франсоа. Само пријатниот поглед на Жанет, насочен во него, го радува. Г-дин Дипон го зема листот да го погледне. Г-дин Дипон протрчува со погледот преку листот. Г-ДИН ДИПОН: Мора да е прекрасна приказна. Ти знаеш со приказните. ФРАНСОА: (на Дипон) Знаеш, одлична е за она проблематично место. Тој толку се измачи, и не направи ништо. Но, ништо страшно. Не сум за џабе така скап... (се смее)... нели, Бен!? Кирил и Жанет како да се исклучени од дискусијата. КИРИЛ: Имаш прекрасен татко... плус одлично готви... сигурно си имала добра причина да заминеш... Жанет само се насмевнува. Последното не сака да го коментира. ЖАНЕТ: Јас не знам да готвам, ама знам каде се најубавите колачиња во градов. Насмевка. Наздравуваат. ЖАНЕТ: Во наше здравје! КИРИЛ: За арно за убаво! Отпиваат. Г-ДИН ДИПОН: Пропуштивме нешто!? Мрак. XXI. Станот на Кирил. Мугра. Постела. Мирис на догорена свеќа. Во полумракот едвај се распознаваат контурите од телата на Кирил и Жанет. Звук на бакнежи, и м#мкање. ЖАНЕТ: Убаво ти е? КИРИЛ: Стално ме прашуваш и стално ти кажувам: "Даа..!" ЖАНЕТ: Епа кажи ми друго... КИРИЛ: (со блага тешкотија во гласот. Ова не е фраза.) Од многу, многу одамна не ми било толку убаво. ЖАНЕТ: Лажеш. КИРИЛ: Зошто? ЖАНЕТ: Тажни ти се очите. КИРИЛ: Не. Ја бакнува. ЖАНЕТ: Да. КИРИЛ: Види пак. ЖАНЕТ: Да. КИРИЛ: Не зборувај. Бакнувај ме. Го бакнува. Звучно. КИРИЛ: Уште... Уште.... ЖАНЕТ: Да имаш за кога ќе заминам!? КИРИЛ: (најтивко) Да. ЖАНЕТ: ќе ти испраќам... милиони прекуокеански бакнежи... КИРИЛ: Не е исто. ЖАНЕТ: ќе ти оставам куфер со бакнежи... КИРИЛ: Не е исто. Непријатен молк. КИРИЛ: ќе ми недостасува секој твој милиметар, секој ден, цело време... Таа молчи. КИРИЛ: Веќе ми недостасува. ЖАНЕТ: ќе се слушаме... ќе бидеме во контакт. КИРИЛ: Не оди. Никогаш. Никаде. Непријатен молк. ЖАНЕТ: Не си толку многу озбилен, нели!? КИРИЛ: Нај... најозбилен сум... Непријатен молк. ЖАНЕТ: Знаеш дека тоа не е можно, нели!? КИРИЛ: Зошто би знаел такво нешто? ЖАНЕТ: Затоа што морам да одам. Не може да биде поинаку. КИРИЛ: Кога ќе дојдеш пак? ЖАНЕТ: Не знам. Не би требало да ме чекаш... КИРИЛ: Не сакаш? Непријатен молк. Жанет длабоко воздивнува. КИРИЛ: Не сакаш. Како е можно!? ЖАНЕТ: Мислев дека разбра дека е ова... родео.... КИРИЛ: Не разбирам... ЖАНЕТ: Паѓаш за десет, петнаесет или дваесет секунди... КИРИЛ: Секако паѓаш. ЖАНЕТ: Имам таму свој живот... Тоа не е лесно да се промени... така лесно... Мала пауза. КИРИЛ: Имаш таму некого? Жанет не одговара. Звук на запалка. Кирил пали цигара.???????? КИРИЛ: (сам го дава одговорот на сопственото прашање) Меѓудругото... ЖАНЕТ: Не ме чекај. Молк. Кирил длабоко вовлекува од цигарата. ЖАНЕТ: Мора да се допакувам. КИРИЛ: Слободно. Жанет станува. Мрак. XXII. Канцеларијата на г-дин Дипон. Кирил, Франсоа и г-дин Дипон. Франсоа во рацете држи принтана верзија на сценариото. ФРАНСОА: Не е добро. Воопшто не е добро. Г-ДИН ДИПОН: Мене ми изгледа сосема добро. ФРАНСОА: Бен, те молам. Напнат молк. ФРАНСОА: Не е добро. Стопати разговаравме. Јас ова не го работам додека не видам дека е добро, разбираш!? КИРИЛ: Разбирам. ФРАНСОА: Ако не можеш да го направиш... Тоа е тоа... Откажи се... Г-ДИН ДИПОН: ќе го поправи. ФРАНСОА: Не вреди пет пари. КИРИЛ: Јас не мислам така. Г-ДИН ДИПОН: Што не е добро? ФРАНСОА: Ништо не е добро. Повеќе од еден месец не сме мрднати од мртва точка. Кирил молчи, ама врие. ФРАНСОА: Тебе не ти е јасно колку ти се посреќи, ама не знаеш да го искористиш тоа! Со ова (мафта со сценариото) покажуваш дека не ти е јасно со кого имаш работа. Не ти е јасно, нели!? Што да правам јас со ова!? Или не работиш или не те бива... Не дека сакам да навлегувам во туѓи приватности... ама сите ние не можеме да страдаме дека зелената карта тебе те напушти и замина за Америка... Кирил му мава таков бокс, да овој едвај се додржува на нозе. Франсоа се прибира. Му се приближува на г-дин Дипон. Му го тутнува сценариото в раце. ФРАНСОА: Што се однесува до мене, уште сега можеш да ставиш клуч на фирмава! Толку од мене. Излегува. Звук на тресок на врата. Г-дин Дипон само го погледнува Кирил. Кирил си го покрива лицето со дланките. Мрак. XXIII. Станот на Кирил. Г-дин Дипон, со мал куфер во раката. Г-ДИН ДИПОН: Бев на минување. КИРИЛ: Седни малку. Г-ДИН ДИПОН: Возот ми трга за 40 минути. Дојдов да се збогуваме. КИРИЛ: Каде си тргнал? Г-ДИН ДИПОН: Се селам. На мојот винарски имот. Дојде ред да ми се исполни сонот. Лозјата и бочвите чекаат на мене. КИРИЛ: Немој така, ќе најдеме решение. Г-ДИН ДИПОН: Не, не... И така сум веќе стар и уморен. Ред е и јас да се одморам. Го заслужив тоа. КИРИЛ: Требаше да ти донесам среќа... Г-ДИН ДИПОН: Филмска среќа... (се смешка) Тоа беше шега. Повеќе не беше прашање на среќа или несреќа. Ова беше неизбежно. КИРИЛ: ќе најдеме друг режисер, ќе почнеме се од почеток... Г-ДИН ДИПОН: Не, Кирил... се си има свој век... И јас и мојата компанија... Тоа човек мора многу рано да го сфати... да биде спремен на тоа... Тоа да не го собори. Мене ме собори. Јас само го продолжував крајот, ден за ден... Го хранев со моите соништа, или илузии, како сакаш... Ме спаси од бавното и долго умирање. Тоа е како однапред отцртана патека... што вака или така треба да се изоди... некоја е пократка, некоја подолга... Зависи од човекот, од приказната... ете ја пак приказната... Некој минува на големи врати, по црвени теписи, некој на мали врати, тесни премини, без труби и фанфари... Секој треба да го најде својот пат, својот начин и само да чекори... Никогаш да не застане. Немој да застанеш, немој да те собори... само продолжи... Јас продолжувам. Со нетрпение ја очекувам следната берба... (мала пауза) Ти си среќно момче. И многу сум среќен што те запознав. КИРИЛ: Среќата е многу превртлива работа. Г-дин Дипон тргнува да излезе. Г-ДИН ДИПОН: Само за едно ти се лутам.... Кирил ја наведнува главата. Г-ДИН ДИПОН: Цел живот посакував јас да му го мавнам тој бокс. Немој да се каеш за ништо. Си го заслужи. Кирил и г-дин Дипон силно се прегрнуваат. Г-ДИН ДИПОН: Остани колку сакаш во станов. Остани додека не се снајдеш. КИРИЛ: Јави ми се. Г-ДИН ДИПОН: (на излегување) Ок. Г-дин Дипон излегува. Кирил седнува, всушност се струполува на една столица. Останува така неколку мига. Мрак. XXIV. Македонија. Ефтино уреден стан. Звук на отклучување на врата. Влегува Кирил со два куфера. Дотука сцената е идеално иста со Сцена ИИ. Постојува неколку мига. Како да исчекува Калина да се појави. Не се појавува. Кирил седнува на троседот. Мрак. Крај.